Wednesday, February 23, 2011

Глумат

Глумат лудило. Ама, не глумат добро, оти стравот од далеку им се гледа.

Во целата структура на ВМРО ДПМНЕ се разли мастилото на паранојата. Страв ги обзеде членовите на владејачката партија вечерта на 20 февруари, кога нивниот лидер (уште неопоравен од шамарањето во Вашингтон) изјави дека ќе оди на избори.

Разбирливо е да се плашат. Свесни се дека повеќе немаат со што да го излажат народов. Никакви ваучери нема да го избришат ќотекот кој Грујовите платеници им го удрија на студентите, никакви субвенции нема да ја сокријат бедата на земјоделците, никакви преговори нема да ги утешат стечајците. Со ниту еден збор не можат на ожалостените семејства да им ги вратат прерано починатите родилки или болни кои починаа заради негрижа на државата. Не можат да им го вратат ниту достоинството на медицинските лица.

Самиот Груевски не се надева на солидна кампања, а камоли на солидни резултати. Па, каде ќе митингуваат ДПМНЕовците? Зарем во Тиквешијата, кај лозарите? Или во Битола, кај млекарите? Или во Прилеп, кај тутунарите? Во Куманово и Штип, кај излажаните стечајци? Во разрушенте студентски домови, кај студентите? Кај универзитетските професори? Или можеби ќе оди по болниците, да врбува медицински лица и стручњаци? Колку што се сеќавам, Бичиклиски сите нив ги етикетира како социјалдемократи.

Можеби Груевски мисли дека ќе успее некого да исплаши. Нека не се надева, оти на гладниот и не можеш така лесно да му се закануваш.

Дојден е ножот до коска!

Вака повеќе не се издржува!

Народот е одлучен – ќе го збрише Груевски по секоја цена.

Сето ова и врапчињата го знаат. Го знае и Груевски, а богами и неговото членство. Свесни се за поразот кој им претстои, ама срце не им дава уште од сега да го признаат. Барем не со зборови. Оти со гестови одамна го признаа.

Гестовите и говорот на телото го издаваат Груевски. На прес конференцијата на 22 февруари стоеше скаменет, очите збунето му скитаа, гласот му трепереше. Ги повторуваше Бранковите зборови, ама му недостасуваше ентузијазмот, решителноста, одлучноста на првиот социјалдемократ. Некогаш и напишаното е тешко да се прочита.

Сепак, ми се чини дека ваквите параноични гестови најмногу ги има во однесувањето на партиските војници на ВМРО ДПМНЕ, кои се вработени во јавната администрација.

(Да, тоа се оние луѓе кои во текот на работното време одржуваат веб странички, фејсбук групи и твитер акаунти на ВМРО ДПМНЕ, а за сето тоа се платени со државни пари. Вистина е - неспособни се, немаат основни познавања од правопис и најчесто не се свесни што точно пишуваат, ама тоа не е ни важно. На ДПМНЕовците важно им е да се присутни по медиумите и социјалните мрежи, па макар и со нивните глупости).

Е, токму тие луѓе пребледеа во недела, им замрзна крвта во жилите кога слушнаа дека Грујо ќе распишел избори. Им гори под нозете. Па, токму за нивните работни места стана збор во Извештајот на Европската Комисија. Беа оценети како непотребни и неефикасни. Свесни се оти со губењето на власта Грујо нема да го изгуби богатството кое го создаде, туку тие ќе ги изгубат работните места за кои не се квалификувани и дебелите плати кои не ги заслужуваат.

И наместо да почнат да си ја вршат работата, тие уште повеќе се оддалечуваат од обврските кои стојат во нивниот работен опис, а киснат на социјалните мрежи, пишувајќи и препишувајќи некакви си беседи. И кога некој со аргументи ќе ги побие нивните небулозни изјави, тие (како што ги дал Господ) не реплицираат, туку бришат коментари.

Е, во овој нивен последен гест се гледа дека димензиите на нивниот пораз ќе бидат чудовишни. Нека бришат коментари колку сакаат, сопствениот страв нема да успеат да го избришат.