Мали, ситни и тотално небитни. Со несоодветно образование, без некои особени човечки квалитети. Добри се само во лепење плакати.
Заробени во сопствениот медиокритет, животните постигнувања и остварувања им се под вообичаениот просек. Познавањата од сите области им се ограничени: го знаат само тоа што партијата им го кажува.
Никогаш во ништо не биле важни. Во средно или на факултет не можеле да се истакнат ниту во училишните, ниту во чаршиските клупи. Секогаш под просекот. Секогаш ликови во споредна улога.
Tакви добиваат работни места во администрација деновиве. Не се потковани ни на образовен, ни на друштен план, ама тоа одамна престана да биде важен критериум за вработување. Си имаат луѓево портокалова книшка, а тоа им е и повеќе од гарант за стекнување со административна фотелја... или можеби само административно местенце за стоење. Голема работа што нема место за седење и што нема работа за која тие се квалификувани. Клатат врата и си земаат плата, дебела (и незаслужена) плата.
Ги вработија, па веднаш почнаа да си ги лечат комплексите на пониска вредност. Си мислат дека сиот свет им припаѓа. Силни се и ним никој ништо не им може.
За вообразеност пример земаат од партискиот им лидер. Видела жабата го потковуваат коњот, па и таа кренала нога.
Не сфаќаат дека воопшто не излегле од концептот на нивното постоење, дека сѐ уште се ликови во споредна улога. Не сфаќаат дека се само гласачка машинерија, која Груевски ќе ја напушти и заборави во моментот кога ќе ги изгуби изборите.
Со своето примитивно однесување, недостаток на вкус и со вродената неспособност претставуваат срам за администрацијата, а со својата многубројност се пречка за македонската евроинтеграција.
Споредниве ликови уште не знаат дека личните проблеми се лечат на психијатар и на сопствен трошок, а не во администрација и на сметка на државата.
Сакале или не – тоа ќе го научат на наредните избори.
No comments:
Post a Comment