Saturday, May 14, 2011

Надежта, сепак, им умира!

ДПМНЕ-вците треба добро да се подготват за поразот кој ги очекува, но тие уште се надеваат дека работите во последен момент ќе се свртат во нивна корист. Очигледно е дека во последните месец дена тие се водат по максимата „Надежта последна умира“.

Се надеваат дека народот ќе заборави на милионските суми потрошени на споменици; на понижувањето на тутунарите, лозарите, сточарите, оризарите. 



Се надеваат дека народот нема да се сети на „Сведмилк“. 

Се надеваат дека народот нема да им замери што го уништија здравството, што ја деградираа универзитетската диплома, што го уништија образовниот систем. 


Се надеваат дека народот ќе им прости што заради огромниот број нововработени партиски војничиња во јавната администрација се уназадува нашата евроинтеграција.


Се надеваат дека народот ќе заборави дека сме први во сиромаштија и први по стапка на невработеност. 


Се надеваат, ама попусто.


И наместо да го поправат лошиот впечаток кој го оставија кај Македонците, наместо барем малку совесно или скромно да се однесуваат, тие се обидуваат своите црнила да ги сокријат со оцрнување на противникот.


Нивната намера не е да тераат кампања на самопромоција (оти што ли би промовирале, пустите тие?), туку антикампања. Одлучни се противникот да го оцрнат без аргументи.


Не им успева, затоа што рејтингот на противничката партија веќе подолго време забележува само раст, а нивниот упорно и вртоглаво паѓа.


Коси кубат што во текот на изминатите неколку години залудно потрошија толку народни пари на оцрнување на Бранко Црвенковски, а СДСМ ги зезна и за премиер ја кандидираше Радмила Шекеринска. Се обидуваат сега и неа да ја дискредитираат, но жената си ја ужива безусловната поддршка и на граѓаните, а богами и на меѓународната заедница.
Мислат дека три пати изговорената лага станува вистина, ама забораваат дека од нивните погани усти и вистината излегува горчлива.


Не знаат повеќе на која карта да играат. Се обидоа со клевети, лажни обвинувања, сега почнаа и со закани, уцени, па и тужби.


И од ден на ден изјавите на нивните највисоки партиски функционери стануваат сè поапсурдни и сосема нерелевантни. Наместо да одговараат на прашања, наместо да се одбранат од нападите, наместо барем да се обидат да докажат дека тие се во право, тие шутираат топки, лопатарат, отвараат тезги, канти и чешми. 


Самите од себе направија предмети за подбив и иссмејување.


Можеби се надеваат дека така ќе освојат повеќе гласови... Можеби си мислат дека Македонците го сакаат нивниот црн хумор. И за тие нивни надежи важи исто како и за претходните – во вода ќе им пропаднат.


Ништо не остана од семакедонската поддршка за ВМРО ДПМНЕ, од нивното водство од 3:1, од нивните ветувања, од нивните „залагања“. Им остана само надежта. Ама и таа им умира.

Високо образование на ниски гранки

За некои, високото образование е начин за стекнување со квалитетно знаење, искуство, оспособување во одредено поле, сопствено подобрување.

За ВМРО ДПМНЕ, високото образование е пералница за пари. Тие не вложуваат во изградба на нови универзитетски објекти. 
Поисплатливо за нивните функционери е да изнајмат зграда од приватно лице и за неа да плаќаат 15 000 евра месечно. При тоа, со сопственикот на таа зграда склучуваат десетгодишни договори. За изнајмување простор во период од десет години трошат 1.8 милиони евра. Многумина ќе речат дека тоа се нерационални трошоци: колку ли објекти можат да се изградат за тие 1.8 милиони евра?!? Но, за мал број луѓе, тоа претставува мошне исплатлива инвестиција. Ете, таков е случајот со Кампус 4 на УГД.


Факт е дека ВМРО ДПМНЕ на високото образование гледа само преку призмата на парите. Откако тие се на власт, направија сè за да го намалат квалитетот на образованието, а да ги зголемат трошоците за студирање.


Никогаш порано студентите не плаќаа за добивање потврди, за пријавување семинарски, истражувачки трудови и слично. 
Минимални беа сумите за добивање уверенија, пријавување испити, казнени сесии. Сега цените на истите се за 300 % поголеми од оние пред 2006 година.


Поразителен е и фактот што студентите плаќаат за функционирањето на студентски парламент, чии членови никој не ги знае, а се избирани во ОК на владејачката партија. 


Студентите плаќаат и за студентски правобранител, кој на УГД сè уште не е (јавно) избран.


Важно им е само да го испразнат плиткиот студентски џеб.
Остана само уште воздухот да им го наплатат.


Од друга страна, на студентите им го ускратија правото на студентски кредит, а стипендиите доцнат со години.
Најжално од сè е што сите тие пари се фрлени залудно. Откако се на власт, ДПМНЕ навлегоа во автономијата на сите универзитети и системски го уништуваат квалитетот на високото образование. 


На факултетите вработија свои (неспособни) кадри. Предност имаат оние со партиска книшка, а не лицата со докторат. Затоа на УГД е реткост да се види некој професор доктор по која било наука. Сите се тазе магистри (со магистратура заслужена исто како и онаа на премиерот).


Самите студенти се жалат дека често пати се случува тие да ја владејат материјата подобро од нивните асистенти. Тоа е сосем природно, кога ќе се земе предвид дека асистентите потрошиле многу повеќе време на партиски собири и митинзи, отколку пред компјутер, пишувајќи ги своите дела.


Преку зголемувањето на студентските трошоци и инсталирањето партиски кадри, ВМРО ДПМНЕ се обидува да создаде генерација на покорни морони. 



За наша голема среќа, во таа намера владејачката партија НЕМА да успее. 

Македонскиот студент по придрода е траежлив, трпелив и пасивен, но со мера. 


На ДПМНЕ-вските обиди за студентско отупавување и манипулирање, македонскиот студент ќе остане имун и ќе одговори со борба. 


Малубројните ДПМНЕ-вски полтрончиња или силната студентска маса!?! 


Уште од сега е јасно дека вторите победуваат!