ДПМНЕ-вците треба добро да се подготват за поразот кој ги очекува, но тие уште се надеваат дека работите во последен момент ќе се свртат во нивна корист. Очигледно е дека во последните месец дена тие се водат по максимата „Надежта последна умира“.
Се надеваат дека народот ќе заборави на милионските суми потрошени на споменици; на понижувањето на тутунарите, лозарите, сточарите, оризарите.
Се надеваат дека народот нема да се сети на „Сведмилк“.
Се надеваат дека народот нема да им замери што го уништија здравството, што ја деградираа универзитетската диплома, што го уништија образовниот систем.
Се надеваат дека народот ќе им прости што заради огромниот број нововработени партиски војничиња во јавната администрација се уназадува нашата евроинтеграција.
Се надеваат дека народот ќе заборави дека сме први во сиромаштија и први по стапка на невработеност.
Се надеваат, ама попусто.
И наместо да го поправат лошиот впечаток кој го оставија кај Македонците, наместо барем малку совесно или скромно да се однесуваат, тие се обидуваат своите црнила да ги сокријат со оцрнување на противникот.
Нивната намера не е да тераат кампања на самопромоција (оти што ли би промовирале, пустите тие?), туку антикампања. Одлучни се противникот да го оцрнат без аргументи.
Не им успева, затоа што рејтингот на противничката партија веќе подолго време забележува само раст, а нивниот упорно и вртоглаво паѓа.
Коси кубат што во текот на изминатите неколку години залудно потрошија толку народни пари на оцрнување на Бранко Црвенковски, а СДСМ ги зезна и за премиер ја кандидираше Радмила Шекеринска. Се обидуваат сега и неа да ја дискредитираат, но жената си ја ужива безусловната поддршка и на граѓаните, а богами и на меѓународната заедница.
Мислат дека три пати изговорената лага станува вистина, ама забораваат дека од нивните погани усти и вистината излегува горчлива.
Не знаат повеќе на која карта да играат. Се обидоа со клевети, лажни обвинувања, сега почнаа и со закани, уцени, па и тужби.
И од ден на ден изјавите на нивните највисоки партиски функционери стануваат сè поапсурдни и сосема нерелевантни. Наместо да одговараат на прашања, наместо да се одбранат од нападите, наместо барем да се обидат да докажат дека тие се во право, тие шутираат топки, лопатарат, отвараат тезги, канти и чешми.
Самите од себе направија предмети за подбив и иссмејување.
Можеби се надеваат дека така ќе освојат повеќе гласови... Можеби си мислат дека Македонците го сакаат нивниот црн хумор. И за тие нивни надежи важи исто како и за претходните – во вода ќе им пропаднат.
Ништо не остана од семакедонската поддршка за ВМРО ДПМНЕ, од нивното водство од 3:1, од нивните ветувања, од нивните „залагања“. Им остана само надежта. Ама и таа им умира.
No comments:
Post a Comment