Пред десетина дена од „плакарот“ излезе Закари Квинто. Актерот познат по улогите на Спок во „Ѕвездени патеки“ и Сајлер во „Херои“ долги години одбиваше да зборува за сопствената сексуална ориентација, но самоубиството на еден младич го натера да се декларира како хомосексуалец. Честитки за храброста која ја смогнал.
Овој октомври уште една личност излезе од еден поинаков „плакар“. Приказната за ова излегување е нешто поинтересна од онаа за Квинто.
Таа приказна започнува со младиот, надежен политичар од Македонија - Груевски. За време на предизборната кампања во јуни 2006, новоименуваниот лидер на ДПМНЕ ја напаѓа власта за „анемичноста“ во приближувањето кон ЕУ. На про-европски ориентираното мнозинство му ветува економска преродба и брз влез во НАТО и ЕУ. Успева да ја добие власта и сите очекуваат да почне неговата „магија“.
Но, наместо да ги исполни своите ветувања, тој почнува да се занимава со ширење национализам, саморекламирање, прескапи кампањи, популистички мерки.
Неговата Влада го докусури македонското судство, ја партизира администрацијата, го притисна независното новинарство, ги прогони неговите неистомисленици, ја угнети слободата на говор, ја зголеми сиромаштијата, ја зголеми меѓуетничката тензија. Со секој нов извештај на ЕК, премиерот добиваше сериозни забелешки за овие негови (не)намерни грешки, кои ниту еднаш не се обиде да ги отстрани.
Минуваа недели, месеци, години во кои Груевски со секој свој потег ја уназадуваше својата земја и го сопираше нејзиното патување кон Европа. Со години премиерот ги уверуваше неговите сограѓани дека прави сè за да ја однесе земјава во Македонија. Некои му веруваа. За сето тоа време, тврди дека ја води земјата по патот кон ЕУ, иако со неговите постапки на сите им се чини дека го прави спротивното. Слатки се парите од европските фондови, поарно е да се премолчат вистинските ставови, отколку да се изгуби шансата да се трошат.
Сепак, неодамна се покажа дека неговата европска определба била само декларативна и ништо повеќе. По последниот извештај на ЕК на сите им стана јасно дека ЕУ нема да нè прифати токму заради Груевски.
Извештајот на ЕК го натера Груевски да излезе од „плакарот“. Сфати дека е залудно да лаже за својата политичка ориентација. Нема потреба да се претставува како нешто што не е. Отворено и пред сите призна дека не е европски ориентиран. Дека не го интересира привлечниот и убавиот статус на земја членка на ЕУ. Заинтересиран е само за својот сопствен статус - премиер на изолирана земја, во која од ден на ден расте сиромаштијата, корупцијата, меѓуетничката тензија, а се намалува безбедноста, перспективноста, демократијата.
Добро е што конечно призна како стојат работите. Сега останува на сите македонски граѓани да одлучат дали ќе го поддржат Груевски и со тоа ќе ја одберат еврофобичната страна, или ќе го отфрлат евроскептицизмот и ќе се одлучат за опцијата која ќе ја внесе Македонија во ЕУ.