Saturday, October 22, 2011

Среќно на сите!

„Оваа година октомври има 5 понеделници, 5 саботи и 5 недели. Ова се случува еднаш на секои 823 години! Ова се нарекува „многу пари“. Потоа копирајте го и поставете, а парите ќе пристигнат во рок од четири дена. Врз основа на пророштвото на Кинезот Фенг Шуи. Кој нема да копира, ќе биде без пари. Копирајте во рок од 11 минути од читањето. Среќен е оној кој е роден во овој месец“.

Овој спам, кој проструи пред неколку дена на Фејсбук, уште еднаш ме убеди дека сум опкружена со летаргични конформисти. Очигледно оние кои го копирале спамот на својот статус тоа го направиле автоматски, небаре се машини. Не знам дали од безидејност, или неупатеност, или навика, или мрза, луѓево воопшто не се обиделе да пресметаат дека од  последниот пат кога октомври имал по 5 саботи, недели и понеделници, до сега минале само 7, а не 823 години.

Општеството ни е помодарско. Кога еден ќе објави нешто, тоа го прават сите, без да размислат. Доволно е само еден Фејсбук пријател да напише „Почивај во мир, Стив Џобс“, па сите да почнат со постирање жални фацички и солзички за иноваторот за кој до вчера не знаеја дека постоел. При тоа, не им текнува да прочепкаат по интернетот, па да видат дека генијалецот не само што зад себе има значајни технолошки остварувања, туку и армија експлоатирани Кинези кои работат 18 часа дневно во фабриките кои токму тој ги создаде.

Луѓето имаат капацитет, ама како да не сакаат да размислуваат со својата глава. Претпочитаат некој да им соџвака, па тие само да голтнат; сакаат некој со инка да им го стави во глава она што „треба“ да го знаат. И затоа се запознаени со она што НЕКОЈ сака да го знаат.

Опасен е конформизмот кој владее во нашето општество. Некои велат дека е продукт на долгогодишната транзициска голгота, ама мене ми се чини дека е нечиј успешен проект за перење мозоци. Во секој случај, конформизмот е сеприсутен во нашава држава, се прели во сите возрасни, интелектуални и професионални структури.

Во изминативе неколку години секакви дезинформации, „кромид“ вести проструија во јавноста и беа прифатени како вистинити.
Луѓето не се задлабочуваат во веста која ја слушаат, не ги интересира позадината на настанот. Кај нив нема место за сомнеж.
Затоа здраво за готово си сфатија дека Дуле Млекарот бил нарко дилер; дека Груевски слушал техно и изнајмувал велосипед; дека Анџелина Џоли паднала од јахта и се удавила; дека Бранко е крив за сѐ; дека Мартин Нешковски починал од природна смрт; дека СДСМ е целосно одговорен за политиката која земјава ја води во изминативе 20 години.

Живееме во такво време и таква држава, што сме принудени да внимаваме на сѐ што се случува околу нас. Постојано да ни бидат „отворени четири очи“, како што велат повозрасните.
Конформизмот и потчинетоста ве успаа. Полесно е да ги набљудуваш настаните, а не директно да се вклучиш во нивното проследување. Оддалечете се од удобноста на летаргичноста, охрабрете се и тргнете во потрага по вистината. Самите истражувајте, самите согледувајте ги ситуациите од повеќе аспекти, самите доаѓајте до заклучоци.

Ако не го сторите тоа, самите ќе бидете виновни за сопственото пропаѓање.

No comments:

Post a Comment